
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека претседателот Доналд Трамп сè повеќе губи трпение поради одолговлекувањето на Русија во однос на завршувањето на војната во Украина.
– Иако има добри телефонски контакти со рускиот претседател Владимир Путин, од тие разговори нема вистински резултати. Доаѓа време за конкретна акција и претседателот тоа јасно го стави до знаење – изјави Рубио за Фокс Њуз.
Тој додаде дека ова не е војна која Трамп ја започнал, но дека прави сè што може за да ја заврши.
Рубио изјави и дека над 100.000 руски војници загинале од почетокот на годината и го обвини Кремљ дека користи тактика на одолговлекување. Според него, Кина игра клучна улога во одржувањето на конфликтот преку поддршка за Русија, особено со купување руска нафта.
Тој нагласи и дека некои земји како Кина, Русија и Северна Кореја станале повнимателни во поддршката на Иран, откако САД демонстрирале моќ преку прецизни воени операции.
– Претседателот Трамп ги потсети светските сили на воената супериорност на Америка – изјави Рубио.