Skip to main content

Заврши третиот летен камп по Вероучение во бигорскиот скит „Свети Кирил и Методиј“ во Битуше

Во бигорскиот скит„Свети Кирил и Методиј“ во Битуше заврши третиот летен камп по Вероучение.

Бигорскиот скит посветен на светите сесловенски просветители и учители, рамноапостолните Кирил и Методиј, беше исполнет со триесетина млади луѓе од различни краишта на нашата татковина. Во прегратката на прекрасната природа и во молитвената тишина, тие имаа можност да се запознаат подлабоко со вистините за православната вера и со нејзината примена во секојдневниот живот, информира сестра Ефимија.

Според неа, преку часовите по Вероучение, искрените разговори и креативните работилници, младите стекнуваа знаења, се изразуваа креативно, и духовно се збогатуваа. 

Секој миг беше облагороден со љубов, едноставност и заедничарење во Христа и меѓу себе. Посебна радост претставуваше изведбата на мини претставата, што учесниците ја подготвија водени од актерот Владо Дојчиновски, и ја изведоа на амфитеатарот во скитот, пред бројна публика која пристигна од повеќе места од регионот. Меѓу присутните беше и нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој со длабоко внимание го проследи делото и упати искрена благодарност до сите што вложија труд во оваа едукативна и инспиративна драма, нагласува таа.

Дружењето, игрите, заедничкото пеење, богослужбите, прошетките низ планинските убавини, сето тоа го направи овој камп едно незаборавно духовно доживување. 

Веруваме дека спомените од овие денови ќе останат длабоко врежани во срцата на младите, меѓу кои се родија нови, силни пријателства, се зацврсти верата и се засили надежта. Тоа е жива потврда дека човештвото има светла иднина, ако живее со Христа и за Христа, посочи сестра Ефимија.

Поврзани вести