
Претседателот на САД, Доналд Трамп, слета во Шкотска на четиридневна посета што вклучува средби на високо ниво. Посетата на Трамп е неофицијална и во голема мера поврзана со голф. Веднаш по пристигнувањето, тој го пофали британскиот премиер Кир Стармер како „добар човек“ и ја нарече нелегалната имиграција „ужасна инвазија што ја убива Европа“.
Толпите се собраа на аеродромот Прествик во Ершир под силно обезбедување. „Ми се допаѓа вашиот премиер. Тој е малку полиберален од мене, но е добар човек, склучи трговски договор. Тоа е добар договор за Обединетото Кралство“, им рече Трамп на новинарите.
Се очекува двајцата да разговараат за потенцијалните измени во трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија, кој стапи на сила минатиот месец.
„Собeрете се или повеќе нема да ја имаш Европа“
Претседателот на САД се осврна на нелегалната имиграција и упати остро предупредување до европските лидери. „Подобро да се соберете или повеќе нема да ја имате Европа. Мора да се соберете“, рече тој. „Дозволувате ова да им се случи на вашите земји и мора да ја запрете оваа ужасна инвазија. Имиграцијата ја убива Европа. Некои европски лидери не дозволија нивните земји да бидат нападнати, нема да ги именувам, и не добија доволно признание за тоа“, рече тој.
Тој исто така рече дека ниту еден нелегален мигрант не влегол во Соединетите Држави во изминатиот месец. Тој беше критичен и кон изградбата на ветерници низ целиот континент. „Стопирајте ги ветерниците. Ги уништувате вашите земји. Тажно е да летате и да ги гледате овие ветерници насекаде, тие ги уништуваат вашите прекрасни полиња и долини и убиваат птици“, рече тој.
Трамп ќе ги обиколи своите голф терени
По слетувањето, Трамп се упати кон Тарнбери, едно од неговите шкотски голф терени. Дел од неговата посета вклучува отворање на уште едно игралиште во Абердиншир. „Нема место како Тарнбери. Веројатно е најдоброто игралиште во светот, а Абердин е веднаш до него“, рече тој, додавајќи дека актерот Шон Конери му помогнал да ја добие дозволата за градење. „Да не беше Шон Конери, немаше да ги имаме овие одлични игралишта.“
За време на неговата посета, Трамп ќе се сретне и со шкотскиот прв министер Џон Свини и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Трамп рече дека има „добри шанси, 50-50“ за трговски договор со ЕУ, но истакна дека има „можеби 20 точки на сопнување“.
Дома, Трамп се соочува со политичка криза поради начинот на кој неговата администрација ги обработи документите поврзани со финансиерот и сексуален престапник Џефри Епштајн. Новинарите го прашаа за тоа штом излезе од авионот. „Правиш голема работа од нешто што не е. Јас сум фокусиран на склучување договори, а не на теории на заговор како тебе“, одговори тој, додавајќи дека „сега не е време“ да се разговара за помилување на Гислен Максвел, затворената соработничка на Епштајн.
Иако пристигнувањето на Трамп привлече поддржувачи, неговата посета предизвика и протести. Групата „Стоп Трамп Шкотска“ најави демонстрации во Единбург, Абердин и Дамфрис. Според анкетата на Ипсос во март, околу 70% од Шкотланѓаните имаат неповолно мислење за Трамп.