
Со особена чест и задоволство ве покануваме на деветтото издание на фестивалот „Дрим Шорт“ кое ќе се одржи од седми до десетти Август на повеќе локации во Струга. Придружете ни се во четиридневна, инспиративна филмска програма и „Гледајте филмови, нема каде да се бега“. Главните проекции ќе се реализираат во Паркот на поезијата, додека останатата програма ќе биде распределена во Јуроп Хаус Струга, кафе-бар Дуќан, мезе бар Барабар и мезе бар Кингстон.
„Дали е варварски да се создава уметност во предвечерие на војната? Филозофите-оптимисти кои веруваат во надеж ќе кажат дека будалите кои на војната ѝ гледаат во очи, ќе го спасат светот. Не затоа што не се плашат, туку затоа што веруваат дека уметноста и убавото можат да ја спречат страшната ноќ никогаш да не дојде. Ценејќи ги и славејќи ги оние кои создаваат филмови на кои се проектираат отсечоци од минатото до иднината, веруваме дека вербата во убавото што го нуди уметноста, e борба против хаосот на светот. Кога во реалноста не постои утеха, филмот е портал кон срцето, каде сѐ уште владее силата на разумот. Во време на егзистенцијално неизвесни секојдневија, филмските уметници не престануваат да измислуваат есенцијално поубави светови. А бидејќи секој филм се создава да биде виден и да допре, тогаш улогата на публиката е да гледа филмови и да дозволи да биде допрена, или во контекст на денешниот поредок, да дозволи да биде спасена.“
А кога веќе нема каде да се бега, оваа година на „Дрим Шорт“ гостите и публиката ќе имаат уникатна можност за средба и разговори за филм со еден од најважните кинематографи во светот Флоријан Хофмајстер и со бардот на македонското и балканското глумиште, Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас.
Фестивалот ќе се одвива во текот на четири фестивалски денови, со пет натпреварувачки програми: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјална програма насловена „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со ПроПис Македонија. Овогодишното жири го сочинува истакната група филмски професионалци: Јелена Јованова, актерка; Никола Ристановски, актер; Гвидо Казале, режисер; и Бранко Ристовски, монтажер и продуцент.
Натпреварувачката програма ќе биде придружена од ревијална програма што вклучува Вечер на холандски филм, со избор на филмови во соработка со фестивалот „Go Short“, програма на еколошки филмови во соработка со Еко Свест и специјална ВР програма на кратки филмови.
Музичката ОФФ програма се фокусира на македонската електронска сцена со диџеј сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.
Овогодишното издание на „Дрим Шорт“ е овозможено од безрезервната поддршка од нашите партнери и спонзори: ПроПис Македонија, Агенција за филм на Македонија, Холандска амбасада во Скопје, Јуроп Хаус Струга, Општина Струга, Трим и Лум, Екосвест, Хотел Дрим, Струшки вечери на поезијата, АКВА Струга, НУЦК „Браќа Миладиновци“ Струга Мезе Бар Кингстон, Мезе Бар Барабар и кафе бар Дуќан. Официјалните медиумски партнери на фестивалот се ТРН мк, ФИЛМ+ и Плеј Радио.