
Три лица беа повредени во пожар во близина на градот Делвина во јужна Албанија, а околу 2.000 жители беа евакуирани.
„Три лица претрпеа изгореници и се задушија од чад“, изјави заменик-градоначалничката на Делвина, Брунилда Мелеќи.
Таа изјави дека шест села се евакуирани и дека пожарот уништил црква и 11 куќи.
-Пламените јазици, разгорени од силниот ветер, зафатија 11 куќи и црквата „Свети Димитрија“ изградена пред два века, споменик на културата од прва класа. Пожарникарите се обидуваат да ја стават ситуацијата под контрола, но нивната работа е отежната од стрмниот планински терен, дополнително високите температури и ветерот, објави Топ Ченел.
Покрај пожарникари, припадници на армијата, граѓани во гаснењето се вклучени и два хеликоптери, бидејќи пожарот е опасност и за други соседни села.
Според жител на селото Сеница, ситуацијата останува тешка. До сега се опожарени и големи површини шума, додека неколку други домови се во опасност.
Во последното деноноќие на територијата на Албанија регистрирани се 45 пожари.