Вечерва, на 16 и утре, на 17 декември на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), со почеток од 20 часот, ќе се одиграат две премиерни изведби на претставата „Замисли нов свет“, работена според мотиви од делата на Горан Стефановски, во режија на Нела Витошевиќ, а по драматизација на Ана Ристоска-Трпеноска.
„Замисли нов свет“, претставува колаж од сцени од седум драми на Стефановски: „Црна дупка“, „Лет во место“, „Чернодрински се враќа дома“, „Диво месо“, „Сега му е мајката’ „Тетовирани души“, „Кула вавилонска“.Земени се сцени кои се најпознати од неговото творештво, ставени се во постмодернистичка рамка, а како сврзно ткиво користени се сонгови искомпнирони од Огнен Анастасовски.
Во претставата играат: Игор Ангелов, Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски. Сценографијата е на Константин Трпеноски, а костимите на Роза Трајчевска-Ристоска.
Претставата обработува безвременски теми од нашата заедница, испреплетени една низ друга и раскажани преку добропознатите ликови од драмите на Стефановски.
Секогаш кога се подготвува претстава поврзана со ликот и делото на Горан, интересот е голем, бидејќи сите ние се пронаоѓаме во неговите дела, ги чувствуваме како блиски и безвременско релевантни – вели Никола Кимовски, директор на МНТ.
Во креативниот дел се потпишуваат уште и композиторот Огнен Анастасовски, сценографот Костантин Трпеноски и костимографката Роза Трајчевска-Ристоска.
Ова е шестиот проект по започнувањето на новата театарска сезона на МНТ, овој пат во продукција на „Сектор филм“ и копродукција на националниот театар, а како продуценти се потпишуваат Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.
Театарскиот проект „Замисли нов свет“ е инициран од Телеком, во рамки на иницијативата #НаправиМесто со која се адресираат предизвиците со кои се соочуваме како општество и се повикува за нивно надминување.
По премиерата, „Замисли нов свет“ ќе биде на редовниот репертоар на МНТ.