
Израелски медиуми јавуваат дека стотици луѓе бегаат од Сирија во Израел по избувнувањето на насилство во јужниот дел на земјата.
Весникот „Једиот ахронот“ информира дека израелската армија ноќеска вратила десетици луѓе назад во Сирија. За повеќето од нив се претпоставува дека се припадници на етнорелигиозната група Друзи. Во тек е потрага по други бегалци од истата заедница.
ДПА наведува дека израелските одбранбени сили не одговориле на барањата за официјален коментар.
„Тајмс оф Израел“ јави дека одреден број сириски Друзи биле вратени назад, но дека не е јасно колку сѐ уште се наоѓаат на израелска територија. Весникот цитира и едно лице, Сириец со својот малолетен син, кој вчера стигнал во Израел и изјавил дека не сака да се врати во Сирија.
Последниве денови се забележани тензии и судири меѓу сунитските Бедуини и Друзите во провинцијата Свеида, каде што Друзите се мнозинство.