Skip to main content

Царинска управа за една година ги постави темелите за забрзан економски раст

Царинската управа за една година наплати приходи во висина од две милијарди евра или 105 милиони евра повеќе средства во Буџетот од годината претходно. Преку Секторот за контрола и истраги до Основното јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поднесена е 181 кривична пријава за сторени кривични дела. Вкупно сузбиени се над 520 случаи на криминални активности. Изготвен е нов Царински закон и се имплементираат проекти во вкупна вредност од 24,4 милиони евра, што ќе овозможи забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Ова беа суштинските пораки на директорот Бобан Николовски на денешниот настан „Една година резултати“ на кој во присуство на државниот врв, бизнис заедницата и меѓународните организации беа презентирани резултатите од изминатата една година. На настанот се обратија и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Во знак на признание за континуираните заложби и поддршка за унапредување на царинската служба, директорот во име на Царинската управа на премиерот му врачи Плакета со повелба.

„Тргнавме силно уште од првиот месец. Денеска Царинската управа претставува еден од главните столбови на кои се потпира државата, симбол за просперитет, симбол за безбедност. Во изминатиот период, заеднички покажавме дека институциите можат да бидат двигател на позитивни промени кога се водат со визија, а тимската работа е ставена во прв план. Не зборуваме веќе за индивидуални успеси – Царинската управа стана симбол на институционален капацитет што колективно испорачува резултати, истакна Николовски.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, нагласи дека за една година, со напорна работа, со визија и домаќински пристап државата е вратена на нозе – дел по дел, институција по институција, систем по систем.

„Еден од тие столбови што го гради новото време, што ги поставува темелите на промените, е токму Царинската управа на Република Македонија. Растот на приходите е резултат на принципиелна работа, на раководење без калкулации, на борба со сивата економија и корупцијата и на јасна политичка определба – парите да одат кај граѓаните, а не во нечии џебови. Затоа денес приходите од царина растат за 15,2 проценти, од акциза за 7,1 процент. Овие бројки значат повеќе за пензии, за плати, за болници, училишта, патишта и за иднината на нашите деца. Тие пари до вчера завршуваа во сивата економија. Денес се враќаат кај народот. Се отвори и борбата против сивата економија и криминалот, а за тоа говорат и бројките – до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за организиран криминал поднесени се 181 кривична пријава“, нагласи премиерот Мицкоски.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките и податоците навистина се импресивни и се јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на Царинската управа.

„Царинската управа во изминатата година јасно покажа дека може да биде сервис на државата, на граѓаните и на стопанството. Тоа е и основната цел на секоја државна институција – да служи со ефикасност, отчетност и транспарентност. Бројките и податоците навистина се импресивни и се јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на Царинската управа. Тие се резултат на вложен труд, визија и соработка, и претставуваат уште една потврда дека кога институциите се водат од луѓе со интегритет и одговорност, успехот е неминовен“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Поврзани вести