
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека најверојатно по одморите ќе има состанок со раководството на турската компанија „Казанџи груп“ за да се дефинираат приоритетите по потпишувањето на Меморандумот што го објави вчера. Воедно информира дека идната недела, на 16 јули, ќе биде поставен камен-темелникот на ветерниот парк во Штип што треба да го гради „Алказар енерџи“.
По Меморандумот треба да имаме состанок со раководството на „Казанџи“ и да ги дефинираме приоритетите. Очекуваме оваа инвестиција да почне да се реализира. Станува збор за когенеративни гасни централи кои истовремено ќе произведуваат и топлина за домовите на граѓаните, но и електрична енергија. Можеби до почетокот на одморите е преоптимиситички да се очекува таков конструктивен состанок, но веднаш по нивното завршување очекувам да седнеме и да ги дефинираме приоритетите. Јас лично ќе се ангажирам таа работа брзо да тргне во процес на реализација, истакна Мицкоски.
Премиерот минатата година во јуни го најави ветерниот парк на „Алкараз Енерџи“ како најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот, вредна над 500 милиони долари, која треба да отвори 630 работни места.