Skip to main content

Трамп „многу незадоволен“ од разговорот со Путин за Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „многу незадоволен“ од телефонскиот разговор што го имал со рускиот претседател Владимир Путин, кој не довел до напредок кон завршување на војната во Украина.

Тоа е многу тешка ситуација. Кажав дека сум многу незадоволен од разговорот со претседателот Путин. Тој сака да оди до крај, да продолжи да убива луѓе, тоа не е добро, изјави Трамп за новинарите пред претседателскиот авион „Ер Форс Уан“.

Тој посочи дека можеби е подготвен да ги заостри санкциите против Русија, откако ги избегнуваше во изминатите шест месеци додека се обидуваше да го убеди Путин да ја заврши војната.

Многу зборуваме за санкции, рече Трамп за разговорот со Путин, додавајќи дека рускиот претседател „разбира дека тоа може да се случи“.

Трамп додаде дека во петокот имал и „многу стратешки разговор“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во услови на растечка загриженост во Киев за испораките на американската воена помош.

Американскиот претседател изјави дека на Украина ќе ѝ бидат потребни системи за воздушна одбрана „Патриот“. На прашањето дали САД ќе се согласат да обезбедат дополнителни системи „Патриот“ на Украина, како што побара Зеленски, Трамп рече: „Ќе им бидат потребни за одбрана. Ќе им треба нешто затоа што се погодени доста силно“.

Трамп кажа дека разговарал и со германскиот канцелар Фридрих Мерц за барањето на Украина за системите „Патриот“, но дека не е донесена одлука за нивната испорака.

Одлуката на Вашингтон да ги запре испораките на оружје во Украина предизвика загриженост во Киев дека овој потег ќе ја ослабне нејзината способност да се одбрани од руските воздушни напади и ќе ја влоши нејзината позиција на бојното поле.

Поврзани вести