
Подобра физичка подготвеност, размена на искуства, да се слушнат проблемите и потребите, да се гради тимскиот дух. Од овие причини директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев веќе месеци наназад е дел од маршови, пешачења, планинарски активности со полициските службеници од цела Македонија.
Денеска, слична теренска активност спроведоа со колегите од СВР Охрид на планината Галичица. Според Јанев, ваквите активности се само еден чекор кон градењето на посилна, поединствена и поблиска полиција.
-Патеката долга околу 7 километри ја изминавме не само како вежба за издржливост и тимски дух, туку како вистинска можност да ја сплотиме силата на институциите со волјата на заедницата. Со нас беа и волонтерите од Планинската спасувачка служба – Охрид, партнери со исклучителна мисија и огромно срце. Во еден здив, заедно разговаравме, разменувавме искуства и идеи за поефикасно заедничко дејствување при пожари, елементарни непогоди и спасувачки операции. Беа презентирани и дел од нивните вештини, опрема и методи на работа – вредности што ги надополнуваат нашите капацитети. Посебна е таа врска кога полицијата излегува од кабинетите и станува дел од секојдневието, од теренот, од реалноста. Таму, на планината – без униформи и хиерархии – се гледа вистинското значење на нашата работа: да бидеме до граѓаните, да ги разбереме, да им служиме. Со оваа активност уште еднаш потврдивме: полицијата не е институција што дели, туку сила што поврзува. Овде сме како раководство да ги поддржиме сите што веруваат дека заедно можеме повеќе – со знаење, со храброст, со човечност. Охридскиот регион и Македонија заслужуваат достапен безбедносен систем што делува и постои за граѓаните. Тоа е патот по кој чекориме заедно, истакнува Јанев.
Директорот на БЈБ претходно имаше слична дружба со колегите од Велес, Струмица, Битола, Тетово, Гостивар, како и со припадниците на специјалните единици при Министерството за внатрешни работи.