
Објектот на основно училиште со ресурсен центар (ОУРЦ) „Иднина“ во Чаир е руиниран и ризичен за безбедноста на учениците и вработените. Ќе биде урнат и на истата локација ќе се гради ново училиште, а наставата од септември ќе продолжи во Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ во Капиштец.
Со донација од Стопанската комора Македонија – Турција (МАТТО) ќе се реконструираат и преадаптираат простории во средното училиште кои од почетокот на учебната година ќе бидат наменети за настава на основците со посебни образовни потреби од (ОУРЦ) „Иднина“.
Договорот за финансиска поддршка за проектот денеска го потпишаа министерката за образование и наука Весна Јаневска и претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски, во присуство на директорите на двете училишта, Лорета Андреевска и Јордан Стојановски.
Министерката Јаневска се заблагодари за донацијата и истакна дека се решава „еден од бројните наследени проблеми во образованието“.
-Но, овие проблеми полесно се решаваат кога имаме партнери од бизнисот кои ни помагаат да дојдеме до соодветно решение. Тоа се организации со висока општествена одговорност. Училиштето „Иднина“ во Чаир во моментов претставува опасност по здравјето и животот на учениците и го преселуваме во дел од просториите на училиштето „Св. Наум Охридски“, благодарение на разбирањето на двајцата директори и, секако, со помошта која ја добиваме од МАТТО, изјави Јаневска.
Простории во „Св. Наум Охридски“ ќе бидат преадаптирани во текот на летово, направен е проект за изведба на прегради, за од септември учениците и нивните наставници од „Иднина“ да учат и работат во соодветни услови за настава.
Министерката посочи дека ова е привремено решение додека се изгради нов училишен објект за ОУРЦ „Иднина“, кое има 70-ина редовни ученици и 135 кои во училиштето доаѓаат на рехабилитација од основни училишта од скопскиот и североисточниот регион на државава.
Јаневска соопшти и дека МОН е во преговори со Комората МАТТО да учествува и во изградбата на новиот објект на „Иднина“ во Чаир, како и на уште едно основно училиште во таа општина.
Ова е голем проект, ќе потрае, сега е битно ова да се заврши, децата да бидат на сигурно, да продолжат со образовниот процес, а за сѐ друго сме сѐ уште во преговори, додаде Јаневска.
Претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски изјави дека со големо задоволство се присутни по повод донацијата за реновирање и преадаптирање простории во училиштето „Св. Наум Охридски“.
Благодариме на МОН што ни овозможи ние, Комората МАТТО и нашите членки, да учествуваме и донираме во овој проект кој навистина е значаен за нашата држава и нашите деца, за кои правиме сè за тие да бидат посреќни во ова општество, истакна Адемоски.
Училиштето „Св. Наум Охридски“ минатата година имало 147 ученици. Покрај училници и простории за практична настава, има и ученички дом (интернат). Како што информираше директорот Јордан Стојановски, за оваа цел ќе бидат отстапени околу 35 проценти од површината на нивното училиште, простори кои досега ги користеле повремено, повеќе за културно-забавни и други активности.
Човечки е ако може да им се помогне на колегите од основно. Пристапивме кон оваа акција за доброто на сите. И тие деца имаат потреба бидејќи, како што знам, оштетен е кровот и немаат соодветни услови, изјави Стојановски.
Директорката на ОУРЦ „Иднина“ Лорета Андреевска рече дека руинираниот објект е од 1963 година и дека подолго време се соочуваат со проблеми со покривната конструкција, азбестните плочи и електричната енергија.
Веќе беше навистина неопходно да се преселиме во друг објект кој ќе биде адаптиран за потребите на учениците. Се надевам дека овој објект ќе ги задоволи нашите потреби повеќе од тоа што треба, истакна Андреевска.