Skip to main content

Почнува топлотниот бран низ Македонија

Под влијание на топла воздушна маса од југ, од денеска до средината на следната седмица, времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Дневната температура насекаде ќе биде над 30 степени Целзиусови, а наместа ќе надминува 40 степени Целзиусови, соопштија од Управата за хидрометеоролошки работи.

Времето денеска се очекува да биде претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Според синоптичарите, минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.

Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.

Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.

Институтот за јавно здравје деновиве излезе со препораки за заштита на повозрасните од топлото време.

Се апелира повозрасните да избегнуваат изложување на сонце, како и работа на отворено, во периодот од 11 до 17 часот. Да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа со висок свод и широк обод и крем со УВ фактор 30+ при изложување на сонце. Да се пие повеќе од вообичаено и да не се чека додека не се почувствува жед за вода. Алкохолните пијалаци да се избегнуваат, како и оние што содржат кофеин, но и екстремно ладните. Доколку лекарот им има поставено некои ограничувања за внес на течности, да се консултираат со него.

Се препорачува да се избегне користење шпорет, рерна и слични уреди од 11 до 17 часот.

Хроничните болни, посебно оние со болести на кардиоваскуларниот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија, нагласуваат од ИЈЗ.

За сите промени во здравствената состојба, како што се истакнува, задолжително да се консултира избраниот матичен лекар.

Поврзани вести