Skip to main content

Почнува 26. Летен регионален семинар за професори по француски јазик

Францускиот институт во Скопје го организира 26. издание на летниот регионален семинар во Струга, педагошка обука, што повеќе од две децении обединува на едно место професори по француски јазик од повеќе земји во регионот. Семинарот се организира во соработка со француските амбасади и институти од земјите во регионот, информираат од Францускиот институт во Скопје.

Овогодишната средба и значајна обука ќе се одржи од понеделник до петок, 4 јули, а во рамките на програмата ќе понуди педагошки работилници наменети за професорите од земјава, но и од поширокиот регион – Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Главни цели на обуката се истакнување на видливоста на францускиот јазик, зајакнување на неговото место во образовните системи на земјите на учесниците, создавање вистинска кохезија меѓу учесниците, како и остварување богати меѓусебни размени на професионални искуства меѓу професорите по француски и професорите кои предаваат нејазични дисциплини на француски јазик од Југоисточна Европа. Годинашното издание на летниот регионален семинар во Струга ќе го проследат повеќе од стотина учесници, се додава во соопштението.

Работилниците со обучувачи кои се експерти од Франција ќе опфатат актуелни теми поврзани за наставата на и по француски јазик во рамките на образовниот систем.

Предвидено е настанот официјално да го отвори францускиот амбасадор во земјава, Kристоф Ле Риголер.