Skip to main content

„Госпоѓа Бовари“ вечер во Националната опера и балет

На сцената на Националната опера и балет (НОБ) вечер ќе биде изведена новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Г. Флобер. Ова балетско дело, поставено во два чина ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страст, слобода и трагичниот судир со општествените норми.

Станува збор за втора изведба на претставата. Првата изведба се одржа на 25 јуни.

Ова сценско остварување е посветено на јубилејот од 25 години уметничка дејност на примабалерината, Марија Кичевска Шокаровска која со својата енергија, емоција и посветеност остави длабок белег во историјата на македонскиот балет.

Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, светло дизајн, Милчо Александров, а концерт-мајстор е Климент Тодороски, генерален менаџер на проектот е Киро Павлов.

Кичевска Шокаровска ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари, а во останатите улоги ќе настапат, Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (аптекар) заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Поврзани вести