
Од денеска граѓаните може да закажат средба со министерот за здравство преку интернет. Закажувањето е преку новата веб-страница на Министерството за здравство која е од вчера во фунцкија. Средбите ќе траат 15 минути, а темите за разговор се неограничени, кажа денеска на брифинг со новинарите министерот за здравство Азир Алиу.
Предвидено е од 10 до 15 часот, секој петок да биде отворен ден за граѓаните, кои ќе си закажат средба онлајн. Она што граѓанинот, кој сака да има средба со министерот, треба да го направи е да остави име и презиме, телефонски број и тема за разговор со министерот. Првите средби ќе бидат на 4 јули.

Страницата е достапна на англиски, македонски и албански, а како што беше посочено на денешниот брифинг ќе биде погодна и за лицата со посебни потреби.
Алиу на новинарско прашање одговори дека нема ограничување за темите, за кои што заинтересираните граѓани ќе сакаат да разговаат со него.
Работиме на тоа да им пружиме што е можно подобра здравствена заштита на сите лица во земјава. Секоја недела ќе одржуваме прес-конференција и ќе информираме за новите настани, а секоја среда ќе имаме брифинг со новинарите и ќе брифираме за тоа на што Министерството за здравство моментално се концентрира, подвлече министерот.