
Денес, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи Камерен концерт за глас и пијано на Ева Живковска – сопран и Горјан Стојановски – пијано.
Младите македонски музичари со својата изведба ќе ја оживеат палетата на чувства и приказни, носејќи ја публиката низ разновидни епохи и жанрови, од барокот до современата музика, со доза на регионални и народни елементи. Во програмата на концертот се застапени композиции од Хенри Пурсел, Петар Илич Чајковски, Сергеј Рахмањинов, Винченцо Белини, Џакомо Пучини, Антонин Дворжак и други.
Ева Живковска и Горјан Стојановски се двајца млади, но веќе реномирани уметници кои во своите области се истакнуваат со изразита професионална компетентност и непоколеблива страст кон музиката.