Skip to main content

„Знам планина што ме чека“ од Шоле Резазаде објавена на македонски јазик

Антолог

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје а објави книгата „Знам планина што ме чека“ од Шоле Резазаде, прекрасен роман за моќта на природата и желбата за спокој и простор.

„Знам планина што ме чека“ ја раскажува приказната за четириесетгодишната Алма која живее во брод-куќа на тивко разбрануваната река Амстел. Таа е постојано зафатена со работа. Но еден ден носи радикална одлука и сама патува кон Иран.

Таму живее Сарај која чува овци и молзи кози и вљубена е во момче од друго номадско семејство со кое има тајни средби на брегот на Арас, брзата река што татни низ нерамниот планински пејзаж. Номадите живеат од ден на ден и го јадат она што им го нудат годишните времиња. Наместо постојано да зјапаат во нивните телефони, тие се меѓусебно поврзани. Но, нивниот опстанок е загрозен. Поради климатските промени кои сè почесто носат суша, Арас повеќе не е толку бучен и сè повеќе млади номади сакаат да се преселат во град.

Во прекрасен поетски стил Шоле Разазаде го има проткаено овој совршено алегориски роман во кој ја раскажува приказната за Алма и Сарај, како и за Арас и Амстел.

Преводот од холандски на македонски го направи Ели Пујовска.

Преводот на книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија (EUPL). Авторот на книгата добива специјално признание од European Union Prize for Literature (EUPL) во 2024 година.

Шоле Резазаде е иранско-холандска авторка која твори на холандски и на персиски јазик / Фото: Антолог

Шоле Резазаде (1989) е иранско-холандска авторка која твори на холандски и на персиски јазик. Во 2015 се сели од Иран во Холандија каде што почнува да пишува проза и поезија. Три години по нејзината преселба почнува да го пишува својот прв роман „Небото е секогаш виолетово“ за кој ја добива наградата за дебитантско дело од Друштвото на писатели во Холандија (2022). Вториот роман „Знам планина што ме чека“ е издаден во 2023 и добил специјално признание од Наградата за литература на Европската Унија (2024). Пишува колумни за еден холандски дневен весник.

Ели Пујовска (1971) е родена во Скопје и досега има преведено педесет книги од бројни холандски и белгиски автори, меѓу кои и „Розата и вепарот“ од Ане Провоуст, која е наградена со Златно перо за најдобар книжевен превод на годината. По дипломирањето на Универзитетот во Ајндховен на катедрата за холандски јазик почнала да работи како професионален преведувач кој повеќе од една деценија посветено ги збогатува македонските библиотеки со класични и современи книжевни дела од холандската литература и ја поттикнува соработката помеѓу македонските издавачи и холандската фондација за литература. Била член на комисијата за Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ (2018). Моментно живее и работи во Скопје.

Поврзани вести