Skip to main content

Концерт на импровизирана музика во соработка меѓу Додовски, Георгиевски и Спировски

На 29. јуни со почеток во 20 часот, во Социјалниот центар „Дуња“, во Скопје, ќе се одржи концерт на импровизирана музика, во соработка помеѓу тројца музичари со различни искуства и контексти, поврзани преку заедничкиот интерес за звучна авангарда, амбиентални структури и слободна интерпретација.

Димитар Додовски е продуцент и визуелен уметник од Битола. Има издадено повеќе соло албуми и соработувал во проекти како Post Global Trio, Moss Garden, Niskogradba, Dérive Dub и Private Mountain. Последниот албум Mineralmusik ја одбележува 20-годишнината од неговото музичко творештво.

Мартин Георгиевски е продуцент од Скопје на амбиентална и импровизирана музика, активен од 2009 година под псевдонимот Амплидајн Ефект. Во изминатите години, проектот издаде бројни албуми и настапуваше на реномирани регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои Похода (Словачка), Десонанз, Лајв Саундтрак (Белград), ToBe Continued (Италија), ПНЕМ Саунд Арт Фестивал (Холандија), Скопскиот џез фестивал. Имал настапувано со Пост Глобал Трио, Светлост + Одрон Ритуал Оркестра и многу други проекти.

Нинослав Спировски е македонски фри џез кларинетист и саксофонист, дел од генерацијата што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во земјава. Како еден од најактивните учесници на сцената, застапува личен израз и оригиналност надвор од традиционалните џез шеми.

Најпознат е по работата со Светлост и Светлост + Одрон Ритуал Оркестра, а учествува и во бројни други состави.
Настанот претставува отворена звучна сесија што произлегува од моменталната интеракција помеѓу учесниците, без однапред зададена форма или композиција.

Влезот е со препорачана донација за артистите.

Поврзани вести