
“Фантазија“ е насловот на концертот на Филхармонија кој синоќа се одржа во Градскиот парк на кој беа изведени песни од 20-ина познати анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“, напиша на својот фејсбук профил министерот за култура и туризам Зоран Љутков по синоќешниот концерт.
Заедно со моето семејство уживавме во магичната атмосфера на концертот организиран од Македонската филхармонија. Просторот беше исполнет со безвременската музика и волшебна динамика на приказните.
Под диригентската палка на Тимоти Редмонд, оркестарот не само што свиреше, туку и раскажуваше приказни. Исполнија низа мелодии од „Малата сирена“, „Аладин“ и „Кралот лав“, а секоја композиција будеше различни емоции.
Во комбинација со видеофрагменти и специјално осветлување, концертот создаде уникатна атмосфера. Уживав во секој момент, знаејќи дека сум дел од оваа неповторлива вечер, кога музиката поврзува генерации и веќе подолго од седумдесет години остава траен печат во нашите срца.