
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.
Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме јас не знам, јас ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем меѓутоа, не зависи од мене туку зависи од нашите соседи. Се разбира ние сме толку блиску што би можеле и да разговараме и во близина некаде, но предлогот дојде од господинот Антонио и тој сега кога бев јас во Ница ме информира дека нема да дојде господинот Радев на Самитот на НАТО, туку ќе дојде Жељазков, вели Сиљановска Давкова на новинарско прашање пред присуството на Меѓународната книжевна манифестација „Празник на липите“.
Прашана дали е потврдена евентуалната средба со Жељазков, Сиљановска Давкова посочи дека средбата е предложена од претседателот на Европскиот совет и оттаму треба да дојде потврдата.
Не сме предложиле на господинот Жељазков за да биде потврдено туку тоа, ако е предложено од европска страна, односно од претседателот на Европскиот совет, оттаму треба да дојде. Инаку јас сум спремна за разговор со господинот Радев. Неколку пати се имаме видено, тој ги знае моите, односно нашите национални ставови, ги знае и господинот Антонио, ги знаат и останатите. Јас секогаш велам дека може да дојде време да дојде до израз европската креативност, која неколкупати сме ја виделе, еве и во овој случај заради доброто на регионот и заради можеби најважниот процес во моментов европски – процесот на проширување, рече Сиљановска Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера информира дека нема да присустува на престојниот Самит на НАТО во Хаг, и дека таму ќе замине претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Во однос на најавите од бугарска страна дека наместо нивниот претседател Радев ќе присустува премиерот Жељазков, тој нагласи дека доколку има каква било иницијатива за средба меѓу македонската претседателка и бугарскиот премиер тоа треба да се прифати, за да се покаже проактивност и, вели, да ги вкрстиме аргументите. Тој најави и дека ќе побара состанок со претседателката.
Ако има каква било иницијатива за средба на ниво претседател-премиер тоа треба да се прифати без разлика што јас нема да бидам таму, тоа е мојот став и убеден сум дека тоа ќе биде став и на претседателката. Мора да бидеме проактивни и да покажеме дека не е тоа тоа што се зборува, да покажеме дека неколку стотини наши граѓани, кои за себе велат дека бугарскиот им е мајчин јазик, дека тоа не е проблемот, туку има многу поголем проблем, тоа е политика стара децении, тоа е стратегија која се пишувала, говорела, внимателно се создавала и без квинслинзи овде кај нас не можела да се спроведе. За жал такви имаше во минатата влада, рече премиерот.