
Во соработка на „Лидл Македонија“, Министерството за транспорт и Стопанската комора на Македонија, во Скопје се одржа конференција „Бизнис-со-бизнис“ посветена на градежниот сектор и секторот за недвижности. Настанот ги собра клучните партнери и компании со кои Лидл активно соработува во процесот на имплементација на своите проекти низ целата земја.
Конференцијата ја отвори заменик-министерката за транспорт, г-ѓа Калтрина Зеколи-Шаќири, која изјави дека „инвестицијата на компанијата Лидл носи свежина на пазарот, отвора нови перспективи за економијата и претставува доказ дека Македонија нуди одлични услови за одржлив развој и рамноправно партнерство меѓу државата и бизнисот“.
На конференцијата беа презентирани високите професионални стандарди што Лидл ги применува во сите сегменти од своето работење, почнувајќи од изборот на локација, дизајнот и изградбата на проектот, па сè до здравјето и безбедноста при работа, енергетската ефикасност и сертификацијата на објектите. Со јасни и транспарентни тендерски процедури, строг технички надзор и одржливи градежни решенија, Лидл покажува дека секој чекор на компанијата е во согласност со најдобрите европски практики.
„Лидл е сериозен инвеститор кој влегува на пазарот со јасна визија и долгорочна посветеност. Нашата стратегија вклучува континуирана изградба на модерна, енергетски ефикасна и безбедна инфраструктура низ целата земја“, изјави Рубријан Хаџиев, главен оперативен директор на Лидл Македонија.
Како дел од групацијата Шварц, најголемиот синџир на дисконти во Европа со присуство во 31 земја и над 12 000 продавници, Лидл носи стабилност, безбедност и модерен пристап во секоја фаза од развојот. Компанијата на глобално ниво вработува над 375 000 луѓе, а од 2022 година се префрли на зелена електрична енергија во своите капацитети.
На настанот беа истакнати и бројните партнерства со домашни и меѓународни компании – од агенти за недвижности, урбанистички планери и дизајнери, до градежни компании, консултанти, сертификациски тела и добавувачи. Овој колаборативен пристап овозможува испорака на сложени проекти од највисоко ниво, изградени врз квалитет и доверба.
Конференцијата беше заокружена со интерактивна сесија со прашања и одговори, како и можност за директна размена на идеи и поврзување со деловните партнери на Лидл.