
Во рамки на OFF-програмата на „YES ФЕСТИВАЛ“, во организација на издаваштвото „Чудна шума“, а 28 мај, во 20 часот, во „Буква“ ќе се одржи промоција на романот за возрасни млади (young adult) „Денови на Блуграс-љубов“ од холандскиот автор Едвард ван де Вендел и разговор со него.
Разговорот со авторот и со преведувачката на делото Ели Пујовска ќе го води Ана Јовковска.
Промоцијата ќе се одржи во рамки на OFF-програмата на „YES ФЕСТИВАЛ“ – новитет кој годинава го воведува „Чудна шума“ – книжевни вечери и за младата (над 18 години) и возрасна читателска публика.
„Денови на Блуграс-љубов“ е првпат издадена во Холандија во 1999 година и оттогаш доживува преводи на многу јазици и ревидирано издание. Како роман за млади кој веќе се смета за европски квир-класик, но истовремено револуционерен − поместувајќи ги границите и рушејќи ги табуата − сега првпат е достапен и за македонската читателска публика.
„Денови на Блуграс-љубов“ е нежна, интензивна и незаборавна приказна за првата љубов.
Тихо Зелинг живее обичен живот, без грижи и тешкотии, без возбуди и авантури. Сѐ во него − школото, другарите, девојките, плановите за иднината − едноставно… се случува. Како филм кој го пушта да тече, но не го режира.
Затоа и решава да промени нешто. Лета за Америка за да го помине летото како помлад асистент во меѓународен летен камп за деца. Таму го сретнува Оливер, уште еден асистент од Норвешка.
И тогаш Тихо ќе почувствува како животот да му запрел и како одново да почнува, овој пат онаков каков што тој би сакал да биде.
Холандскиот автор Едвард ван де Вендел (роден 1964) е плоден и разноврсен книжевен творец: романи за млади, детски приказни, песни, публицистика, поезија, сликовници, преводи… тој сѐ умее. Тој е и општествено ангажиран и со своите дела им се обраќа на читателите со топлина, без притоа да ја жртвува книжевната вредност на делото. Низ неговото разнолико творештво се провлекуваат важните животни прашања со кои се соочуваат неговите ликови додека се обидуваат да си го најдат своето место во светот. Меѓу многубројните награди што ги има добиено се вбројуваат Deutscher Jugendliteraturpreis и наградата Woutertje Pieterse. Неколку пати бил номиниран за Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ и за наградата „Ханс Кристијан Андерсен“. Неговите книги се преведени на повеќе од дваесет и пет светски јазици.
Објавувањето на романот „Денови на Блуграс-љубов“ и гостувањето на авторот Едвард ван де Вендел во рамки на проектот „YES – Млади Европски приказни“, е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и од Холандската фондација за литература.