
Кривични пријави се поднесени против две лица од Пробиштип и Свети Николе, осомничени за кражби од цркви, информираа денеска од Министерството за внатрешни работи.
Триесет и седумгодишниот Д.К. од Пробиштип е осомничен за сторени пет кривични дела „тешка кражба“ по член 236 и едно кривично дело „лажно претставување“ по член 391 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека ги сторил кражбите во периодот од 11 до 15 мај во цркви на подрачјето на Свети Николе, а при една, лажно се претставувал на свештено лице како полициски инспектор. По преземени мерки и активности, на 16 мај во 12:30 часот во Свети Николе, тој е лишен од слобода, по што е спроведен во Полициската станица – Пробиштип, каде бил задржан во врска со судска наредба за приведување и спровод во Казнено – поправната установа „Затвор – Струмица“, појаснуваат од МВР.
Во истиот период, расчистено било и кривично дело „тешка кражба“од црква во Свети Николе, сторена од М.Ј. од овој град. Таа била пронајдена и против неа, како што нагласуваат од МВР, исто така, е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Свети Николе по член 236 од Кривичниот законик.