Skip to main content

Трговијата со луѓе во пораст поради светските конфликти и глобалните кризи

ОН објавија извештај во кој наведуваат дека трговијата со луѓе е во пораст поради конфликтите во светот, климатските промени и глобалните кризи.

Според најновиот извештај на Глобалната комисија за трговија со луѓе, што ја опфаќа 2022 година, бројот на жртви на трговија со луѓе ширум светот се зголемил за 25 отсто во однос на нивото од 2019 година, пред пандемијата со Ковид-19.

Криминалците се повеќе ги користат луѓето за принудна работа, додека жените и девојчињата често стануваат жртви на сексуална експлоатација и насилство, се наведува во извештајот, главниот фактор е организираниот криминал.

Децата сочинуваат 38 отсто од сите откриени жртви, во споредба со 35 отсто во претходниот извештај, врз основа на податоците од 2020 година.

Најголема група жртви и натаму се возрасните жени, кои сочинуваат 39 отсто од случаите, потоа мажите со 23 отсто, девојчињата со 22 отсто и момчињата со 16 отсто.

Вкупниот број на жртви на трговија со луѓе во 2022 година изнесува 69.627.

Најчеста причина поради која жените и девојчињата биле тргувани била сексуалната експлоатација – 60 проценти или повеќе, додека за мажите и момчињата била принудна работа, вклучително и питачење.

Во извештајот се истакнува дека зголемувањето на бројот на момчиња идентификувани како жртви на трговија со луѓе може да биде поврзано со зголемениот број малолетници без придружба кои доаѓаат во Европа и Северна Америка.

Најголем број жртви има од Африка – 26 отсто, потоа Северна Америка и Западна и Јужна Европа, а значаен фактор се и миграциите.