
За најранливата категорија на онколошки пациенти во јавното здравството беше спроведена метода, поставување на васкуларна направа, позната како Порт. Оваа метода е направена кај неколку пациенти, а методата ја спроведуваа медицински работници од одделението за васкуларни пристапи при Универзитетската клиника за нефрологија во соработка со радиолошкото одделение од Градската општа болница 8 Септември.
Пациентите на кои е спроведена Порт методата се веќе успешно згрижени на Клиниката за нефрологија. Портот претставува поткожно вграден уред кој вобичаено се наоѓа под десната клучна коска. Истиот се поставува со цел повеќератно безболно и безбедно давање на планираните медикаменти. Портот е наменет за пациенти кои мораат да примаат лекови преку вена при што тоа доведува до оштетување на ѕидот на вената. Оттука оваа метода најчесто се применува кај онколошки пациенти и кај пациенти со автоимуни заболувања.

Дел од медицинските тимови на двете здравствени установи кои ја спроведоа оваа Порт метода беше доктор Никола Ѓорѓиевски, актуелен директор на Клиниката за нефрологија во соработка со колеги од ГОБ 8 Септември. Клиниката за нефрологија ова го обезбеди со сопствени средства. И во иднина Клиниката и медицинските лица продолжуваат да се грижат обезбедувајќи средства со цел соодветна и навремена здравствена грижа.