
Советот на државите од Балтичкото Море повика на воведување нови правила за поморски снабдувања што би овозможиле построга заедничка акција против таканаречената руска „флота во сенка“, објави ДПА.
Почитувањето на меѓународните прописи и правото на морето е неопходно, изјавија министрите за надворешни работи на 11-те земји-членки на Советот по денешниот состанок во Естонија. „Ни требаат подобри регулативи што создаваат предвидлива и безбедна средина за меѓународна трговија“, рече полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
Тој се осврна на инцидентот од вторникот кога руски борбен авион реагираше откако естонската морнарица во претходно се обиде да заплени танкер што пловеше меѓународни води кон руско пристниште.
Според естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна, ова е прв пат Русија официјално да покаже дека има врска со „флотата во сенка“, која наводно вклучува бродови со нејасна сопственост што се користат за заобиколување на западните санкции. Европската Унија веќе воведе санкции врз стотици бродови, но се верува дека вистинскиот број на танкери во оваа флота е многу поголем.
Високиот дипломат на Летонија изјави дека околу 84 проценти од извозот на цврсто гориво од Русија, што е повеќе од една третина од приходите на Москва, минува низ Балтичкото Море преку „флотата во сенка“.
Советот на државите од Балтичкото Море, основан во 1992 година, ги вклучува Германија, Данска, Естонија, Финска, Литванија, Латвија, Полска и Шведска, како и Исланд, Норвешка и ЕУ.
Членството на Русија беше суспендирано на почетокот на март 2022 година поради војната во Украина, а Москва се повлече од организацијата во мај истата година.