Skip to main content

Филков се сретна со граѓански организации за реформите во изборното законодавство

levi-meir-clancy-on-unsplash

 Министерот за правда Игор Филков одржа работна средба со претставници на независните граѓански иницијативи, на која во фокусот беа реформите во изборното законодавство и можностите за нивно унапредување преку инклузивен и транспарентен процес на консултации, соопштуваат од Министерството за правда. 

Средбата била на иницијатива на граѓанските организации, а на состанокот им било посочено да достават конкретни предлози и сугестии за унапредување на изборното законодавство, кои ќе бидат разгледани од страна на работната група, што, претставниците на независните граѓански иницијативи го прифатиле.

Министерството за правда континуирано спроведува консултации со сите засегнати страни. Во изминатиот период беа одржани повеќе работни средби со институции како Државната изборна комисија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а веќе е закажана и средба со Државната комисија за спречување и борба против корупцијата. Сите предлози од овие институции се доставуваат до работната група и се предмет на разгледување“, стои во соопштението од министерството.

Оттаму дополнуваат дека процесот е транспарентен, инклузивен и отворен за сите релевантни чинители.

Работната група за реформи во изборното законодавство работи интензивно и во неа се вклучени претставници на сите парламентарни политички партии и независни пратеници, со цел да се обезбеди политички легитимитет и широка застапеност во креирањето на законските решенија. Се разгледуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, кои имаат за цел да обезбедат фер, транспарентен и кредибилен изборен процес“, дополнуваат оттаму.

Поврзани вести