Skip to main content

„Избор“ на Марко Црногорски освои награда за најдобар краткометражен филм на престижниот 20. South East European Film Festival во Лос Анџелес

Краткометражниот филм „Избор“, во режија на Марко Црногорски и во продукција на Дарма Филм, освои награда за најдобар краткометражен филм на престижниот 20. South East European Film Festival во Лос Анџелес (SEEfest).

Ова признание доаѓа по светската премиера на филмот на 34. издание на фестивалот во Паленсија, Шпанија, и учеството на уште два Oscar qualifying фестивали: Cine Lebu во Чиле и Alexandria Short Film Festival во Египет.

На SEEfest во Лос Анџелес, каде годинава се прикажаа филмови од повеќе од 20 земји од Југоисточна Европа и дијаспората, „Избор“ беше издвоен од жирито како филм што „го обзема гледачот од првиот кадар, со френетичен визуелен стил што ја одразува внатрешната борба на главната хероина“. Во образложението на жирито се истакнува дека филмот не морализира, туку ги предизвикува гледачите да ги преиспитаат сопствените ставови преку емпатија и итност, оставајќи силен впечаток како човечка приказна за автономијата и сочувството.

Во филмот настапуваат актерите Сара Сандева, Ева Велиќ, Игор Ангелов, Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Ѓорѓи Јолевски, Сара Анастасовска и Дарко Богески. Креативниот тим го сочинуваат костимографот Роза Трајческа Ристовска, сценографот Дејан Ѓошевски, дизајнерот на звук и микс Дарко Спасовски, композиторот Блажен Настевски, монтажерот Михаил Димитров и директорот на фотографија Наум Доксевски. Сценариото е напишано од Јана Пауноска и Марко Црногорски, а филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.

Поврзани вести