
Во Музејот на Град Скопје вечерва почнува шестото издание на Скопскиот Градски Фестивал. Како што е најавено, оваа вечер ќе биде посветена на Словенија и словенечката културна сцена, при што поетот и дипломат Милан Јазбец ќе ја промовира својата збирка „Се отвори небото, песни за Магда“. Исто така, уметницата Магда Шаламон ќе изложи дела инспирирани од планинскиот пејзаж и поетскиот збор, а Dupljak Village Orchestra ќе понуди концерт во кој традицијата се преработува низ модерен звук.
Фестивалот ќе се одржува до 19 мај, и ќе понуди програма што обединува музика, книжевност и визуелна уметност, спојувајќи домашни автори и изведувачи со уметници од Словенија, Грција и Европа.
Програмата не е составувана според трендови, туку вредности. Секој артист е избран врз основа на квалитет, оригиналност и контекстуална важност – со цел да создадеме фестивал кој придонесува за културниот идентитет на градот, а не само за неговиот календар на настани. Очекуваме врвни фестивалски денови кои ќе ги задоволат и нај пребирливите културни сладокусци, соопштија организаторите од „Баги Комуникации“.
Како што е најавено, на 15 мај, во малата сала на Филхармонија, ќе настапат тројца македонски изведувачи чии албуми ги објавува „Кроација Рекордс“. „Code 369“, група со препознатлив спој на електроника, поп и етно влијанија, ќе настапи со својот иновативен и енергичен звук.
Мухамед Ибрахими, врвен гитарист и мултиинструменталист со суптилен баланс помеѓу ориентални мотиви и современа амбиентална естетика, ќе понуди интимен музички израз. Иван Кукиќ со Источен фронт го претставуваат кантавторскиот правец со рок интонации и текстови што ја носат урбаната чувствителност на новата македонска сцена, најавија организаторите.
Следниот ден, на 16 мај, програмата продолжува со грчкото трио „Human Touch“, едни од најавтентичните и најдолговечни инструментални состави од Грција, чии настапи претставуваат врвна фузија на џез, world музика и медитерански ритми.
По нив, сцената ќе ја споделат Мартин Ѓаконовски, македонскиот џез контрабасист, чиј стил комбинира виртуозност, зрелост и длабока музичка чувствителност и Роман Бабик, еден од водечките германски џез пијанисти и композитори, познат по својот моќен звук и инвентивни аранжмани што ја бришат границата меѓу жанровите.
На 17 мај, во Културно информативниот центар – Скопје, публиката ќе има ретка можност за првпат да ја слушне Тања Сонц со нејзиниот квартет, словенечка виолинистка со меѓународна кариера, една од највпечатливите словенечки виолинистки на својата генерација.
Фестивалот ќе биде заокружен на 19 мај во Аудиокултура, каде во 12 часот ќе се одржи промоцијата на новиот албум „Drom“ на грчкиот хармоникаш Thanos Stavridis, проект што ги истражува источномедитеранските и балкански корени низ современа продукција и музичка елеганција.