
Неколку десетици војници и цивили се убиени во нов џихадистички напад во Џибо, голем град во северниот дел на Буркина Фасо, објавија француските медиуми, повикувајќи се на локалните безбедносни сили.
Од 2015 година, вооружени џихадистички групи поврзани со Ал Каеда и Исламска држава вршат бројни напади низ речиси целата територија на Буркина Фасо.
Стотици џихадисти вчера истовремено нападнале воена единица, полициски и жандармериски пунктови и упаднале во населби во градот Џибо, убивајќи „неколку десетици“ војници и цивили, велат за француските медиуми локалните власти и безбедносните служби.
Стотици од нив дојдоа со мотоцикли и автомобили, практично опкружувајќи го градот. Групите нападнаа неколку области од градот, предизвикувајќи жртви меѓу цивилното население“, соопштија безбедносните сили.
Тие прецизираа дека имало и убиени и ранети војници, а напаѓачите исто така претрпеле загуби.
Во друг дел од градот, луѓето биле погубени пред своите домови. Повеќето од нив се мажи.
Жените и децата беа поштедени, вели жител на Џибо.
И покрај напорите на лидерот на земјата, Ибрахим Траоре, кој дојде на власт во септември 2022 година, земјата успева да поврати делови од територијата на земјата, што беше под контрола на исламистите, но останува во канџите на спирала на насилство предизвикано од исламистите, што трае од 2015 година. Оттогаш, тоа предизвика смрт на над 26.000 цивили и војници, од кои повеќе од половина се убиени во последните три години, покажуваат податоците на невладината организација „Аклед“, која ги регистрира жртвите на конфликтите низ целиот свет.