
Она што се случи оваа сабота на Саемот на книга во Скопје ќе остане запишано со златни букви во историјата на македонската книжевна сцена. Рекорден број посетители, километарски редици и само една причина – книжевната ѕвезда Себастијан Фицек.
Писател од ваков калибар, ваков книжевен феномен, не памети македонскиот Саем на книга. Илјадници луѓе од сите генерации, пред сѐ млади, трпеливо чекаа со часови за да се сретнат со омилениот германски автор на психолошки трилери. Фицек потпишуваше цели 6 часа без ниту една пауза, со насмевка и разговор за секој читател. Ниту заморот, ниту долгите редици не ја намалија неговата енергија – напротив, тој со восхит ги прифати сите кои дојдоа да го поздрават.

Не паметам кога последен пат сум потпишувал вака многу книги. Дури ни на Саемот во Франкфурт не сум доживеал ваков ентузијазам. Бев импресиониран од тоа колку млада публика има тука во Скопје. Ги гледав луѓето како чекаат 6 часа за да ме поздрават – тоа беше неверојатно. Благодарам, Македонијо!“ – изјави Себастијан Фицек за македонските читатели.
Продажбата на неговите книги одеше со молскавична брзина, сѐ до последниот примерок. Тиражите беа распродадени, а интересот беше толку голем што издавачот веќе најавува дополнителни печатења.

Овој историски викенд започна уште во петокот, кога во киното Синеплекс беше одржана ексклузивна промоција на неговите два најнови романи – „Девојката со свеќа“ и „Мимики“. Салата беше исполнета до последно столче, а присутните имаа ретка можност да го слушнат Фицек во живо, да поставуваат прашања и да се фотографираат со него.
Она што Себастијан Фицек го донесе во Скопје не беше само промоција – туку вистински книжевен спектакл кој покажа дека љубовта кон книгата и авторот нема граници. Саемот на книга 2025 ќе остане запаметен како моментот кога книжевноста во Македонија доживеа вистински триумф.