
Комедијата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ по текст на легендарниот режисер, драматург и есеист Душан Јовановиќ е првото корподукциско остварување на Регионалната унија на театри (РУТА). Зад проектот застанаа Драмскиот театар – Скопје, Белградскиот драмски театар и Љубљанскиот општински театар кои се членки на РУТА, како и Будва Град Театар. Премиерата на претставата е предвидена за 10 август во Будва, а македонската публика првпат ќе може да ја види на 17 август на Охридско лето. По овие изведби ќе следуваат премиери и во други градови од регионот, но ќе има и повеќе репризи. На „маршрутата“ за претставата се Бриони, Скопје, Белград, Љубљана и Сараево, како и Тиват кој од оваа година е нов придружен член на РУТА.
Во Драмски денеска, веднаш по прес-конференцијата на која беше најавена копродукцијата, се одржа и првата проба.
„Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ е посветена на петгодишнината од смртта на Душан Јовановиќ. Режисер е Иван Пеновиќ, сценографијата е на Лазе Трипков, костимите на Александар Ношпал, а композитор е Владимир Пејковиќ. Играат Марјан Наумов, Јована Спасиќ, Лазар Христов, Марко Гверо, Иван Томиќ, Соња Стамболџиоска, Нејц Језерник, Јулита Кропец и Лазар Николиќ.
Техничката поддршка на целиот проект ќе биде на Драмскиот театар – Скопје, а преводот првпат на овие простори ќе биде дел од претставата (сценографијата).
Тоа што сме тука покажува дека делувањето на РУТА навистина има смисла и дека се што претходно работевме е сериозен резултат кој не доведе до можност за копродукции со кои одиме чекор понапред. Собрани сме сите со јасна идеја – унапредување на нашите културни простори. Ќе продолжиме да ја унапредуваме РУТА преку нови копродукции. Во 2026 година очекуваме сите шест членки да се обединат околу нов проект и веќе сме на чекор до договор, рече директорот на Белградскиот драмски театар Југ Радивојевиќ.
Според директорката на Љубљанскиот општински театар, Барбара Самобор, РУТА се шири и веќе не е само патувачки фестивал, туку прави и копродукции.
Освен што поминаа пет години откако не собра колегата Радивојевиќ, одбележуваме уште една петгодишнина, од смртта на Душан Јовановиќ. Тој е сигурно еден од татковците на модерниот балкански театар и човек кој ни е близок и драг на сите. Мислам дека оваа екипа ќе ужива во работата на претставата и се надевам дека, исто така, и публиката и продуцентите ќе уживаат кога ќе ја гледаат на сите локации. Се гордеам што сум дел од овој проект, а верувам дека ваквите комбинации се најдоброто нешто што може да се случи во културата по се што преживеавме, секој на свој начин, истакна Самобор.
За Пеновиќ, овој вид продукција е највисоко ниво на уметничка можност што може да ја добие млад режисер. Претставата, рече, ќе го покаже богатството на сите јазици во регионот и на убав начин ќе ја презентира нивната разноликост.
За Душан Јовановиќ, Пеновиќ рече дека е еден од најпрогресивните и можеби еден од најпродуктвните писатели од овие простори кој го сфаќал театарот како место на постојано преиспитување, посебно на глумците.
Најавувајќи ја „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ како „малку поразлична претстава“, директорот на Драмски театар Роберт Вељановски нагласи дека „ако кон крајот на 70-тите и во 80-тите Душан Јовановиќ го ослободи Скопје, Душан Јовановиќ сега се врати во Скопје“.
На прес-конференцијата беше и министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој вети уште поголема поддршка за РУТА, но и инвестиции во домашната продукција, како и во меѓународното претставување на македонските институции.
Како министер сум во нова улога која има задача да го подобри македонскиот театар, да го крене на повисоко ниво и да ја врати довербата кај публиката во домашната продукција. Од тие причини одлучив голем дел од институциите да добијат скоро 100 отсто повисоки буџети за нивните продукции, иако и тоа не е доволно ако се земе предвид какви биле буџетите во минатото. РУТА ја поддржувам и како актер и како министер, а во однос на корподукцијата Министерството и во иднина ќе поддржува вакви иницијативи. Овој проект покажува дека балканскиот театар го враќа својот сјај во европски рамки, претпостаувам дека ќе има долг век и се надевам дека сите институции од регионот ќе застанат зад оваа иницијатива. Во комуникација сум со скоро сите министри, од Словенија, Хрватска, Црна Гора, утре доаѓа министерот од Србија, многу често разговараме за РУТА и ќе вложуваме се повеќе средства со надеж дека ова ќе прерасне во барем по две силни копродукции секоја година, потенцира Љутков.
„Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ според засега дефинираните термини, ќе биде премиерно одиграна на 10 август во Будва, потоа во Скопје во октомври, во Белград во декември, како и во Љубљана во февруари 2026 година.