
Унијата на Здруженија предводени од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За Нас“, во Битола ја одбележа неделата на сестринството која годинава се слави под мотото „Нашите сестри. Нашата иднина, грижата за сестрите ја зајакнува економиите“.
Медицинските сестри не се само алки во здравствениот систем туку тие се суштинскиот дел во здравствените системи и затоа инвестицијата во медицински сестри и инвестиција во здрава нација, истакна на денешната свеченост во Битола, Гордана Бешлиовска, претседателка на здружението „За Нас“.
Глобалните политики со кои се занимава Светската здравствена организација акцентираат дека е потребно да се инвестира во медицинските сестри затоа што до 2030 година на светот ќе му недостасуваат девет милиони медицински сестри. Во светот глобален проблем е тоа што медицинските сестри освен што мигираат туку тие и ја оставаат својата професија и заминуваат од професијата пред се заради нивниот нерешен статус, условите кои ги имаат за работа и секако недоволна платеност наспроти одговорностите, посочи Бешлиовска.
Во изјава за медиумите, претседателката на здружението „За Нас“ истакна дека на медицинските сестри им е потребна автономноста за како што рече да знаат за што конкурираат на работните места.
Ако докторите имаат своја специјалност, тогаш тоа е потребно и за медицинските сестри за кои посебно е важен кариерниот развој. Во Битола е расадникот за медицински сестри, тука е Високата медицинска школа, тука е и првото средно медицинско училиште формирано во 1947 година, но потребно е образованието да произведува што повеќе кадар соодветно на сондажата од терен и затоа потребни се дополнителни паралелки со специјални програми за медицински сестри, истакна Бешлиовска и најави дека доколку до крајот на овој месец не се реализираат ветените конкурси за вработување на медицински сестри со договор на дело тогаш силно ќе го кренат гласот.
Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За Нас“ на свеченоста во Битола порача дека ќе продолжи да ја брани професијата со едукација, ќе се бара исполнување на ветеното со цел подигнување на вредноста на пациентите и ќе бара европски лик и имиџ на медицинската сестра во земјава