
На 30 април, во преполната концертна сала на Бамбергската филхармонија, се одржа спектакуларен концерт под диригентската палка на македонскиот маестро Џијан Емин, во соработка со светски познатиот пијанист и композитор Франческо Тристано. Настанот претставуваше мост меѓу класичната музика и современиот електронски звук, обединувајќи симфониски израз со техно и авангардни елементи во едно несекојдневно музичко доживување.
Под водство на Емин, оркестарот на Бамбергската филхармонија ја демонстрираше својата техничка прецизност и музичка сензибилност, совршено надополнета со виртуозната изведба на Тристано. На пијано и електроника, тој маестрално ги испреплетуваше традицијата и иновацијата.
Концертот беше пречекан со долготрајни овации, а публиката препозна и возврати на уникатната уметничка хемија меѓу двајцата уметници. Настанот е дел од нивната поширока соработка, која во последните години успешно ги освојува концертните сцени ширум Европа.
Концертот во Бамберг, заедно со оркестарот Bamberger Symphoniker и Франческо Тристано, за мене беше вистинско уживање. Да се соработува со ваков врвен оркестар е едноставно фантастично – нивото на реакција и исполнителност е извонредно. Искрено, ова е најдобриот оркестар со кој сум работел досега,“ изјави Емин.
„Имав прилика во минатото да диригирам и со други светски оркестри – Симфонискиот оркестар на Детроит, на Мелбурн, како и оркестри во Лондон, Париз, Фландрија, Мец, Ница… но процесот со овој оркестар беше неверојатно искуство. Станува збор за оркестар од светска класа, каде како гости диригенти се појавуваат имиња како Сер Сајмон Рател, Густаво Дудамел, Иван Фишер, Марис Јансонс… Можеби е полесно ако направам аналогија со Лигата на шампиони – за полесно разбирање“, додаде Емин со насмевка.
Франческо како пијанист беше на извонредно високо ниво, исто така инспириран од самиот оркестар. Дополнително, фактот што покрај изведбата на концертот во D-мол од Ј.С. Бах изведовме и наша авторска музика, го направи овој концерт уште поважен и посебен за нас. Публиката не штедеше на аплаузи – добивме десетминутна стоечка овација, проследена со силен ентузијазам“, вели Емин за овој спектакуларен концерт.
Настанот беше одбележан и од медиумите како дел од новата „шампионска музичка лига“. Во еден од описите на вечерта стои:
Она што на прв поглед може да изгледа необично, на подлабоко слушање се претвора во иновативен спој. Пијанистот и продуцент Франческо Тристано, дипломец на Џулијард и мост меѓу класичната и популарната музика, заедно со диригентот Џијан Емин, разви концепт кој вешто ги брише границите меѓу жанровите. Во амбиентално концертно доживување, препознатливиот звук на класичниот симфониски оркестар се преплетува со авангардни текстури, звуци и ритми на електронската музика. А кога безвременските дела на Јохан Себастијан Бах преминуваат во сложените композиции на Џијан Емин и Франческо Тристано, разликата меѓу музичките светови одеднаш не изгледа толку голема.“
Овој концерт претставува уште едно признание за интернационалниот успех на македонската музичка сцена, како и потврда за сè поголемата важност на крос-жанровските проекти во современата уметничка продукција.