Skip to main content

Филозофски филмски фестивал: Ретроспектива посветена на култниот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини во МСУ

Вечерва (5. мај), во Музејот на современата уметност (19:00 часот), ќе се одржи проекција на документарниот филм „Љубовни заседанија“ (1964) од италијанскиот режисер Пјер Паоло Пазолини (1922-1975). Со тоа, всушност, започнува Ретроспективата Пазолини во најава на Главната програма на 15. Филозофски филмски фестивал (22-28 мај).

Со ретроспективата ќе се одбележи 50-годишнината од смртта на големиот италијански и европски режисер, и е организарана во соработка со Италијанската амбасада во Скопје. Пред проекцијата на филмот ќе се обрати проф. Соња Мизерендино, Аташе за култура на Амбасадата, а кусо воведно излагање за творештвото на Пазолини и неговата застапеност во Македонија ќе одржи проф. д-р Анастасија Ѓурчинова.

„Љубовни заседанија“ е провокативен филм-анкета, пресек на една Италија растргната меѓу политиката и интимата, меѓу строгиот католички морал и скриените, често неартикулирани желби и страсти. Пазолини прави обиколка низ целата земја – од фабриките до плажите, од буржоазијата до лумпенпролетаријатот, од Милано до Сицилија – и интервјуира случајни минувачи и неслучајни интелектуалци за нивните ставови кон сексот. Со микрофон во рака и со сократовско детска љубопитност, им поставува директни прашања за широк спектар на теми: важноста на сексот во секојдневниот живот, табуата, проституцијата, хомосексуалноста и легализацијата на разводот.

Во рамки на Ретроспективата Пазолини ќе бидат прикажани пет филмови од опусот на Пазолини. Од 7. до 9. мај ќе можат да се погледнат: „Теорема“, „Цар Едип“ и „Декамерон“ во Кинотека (со почеток во 20:00 часот). Додека, на отворањето на Главната програма на Фестивалот (22 мај, Кинотека) ќе биде прикажано незаборавното „Евангелие според Матеј“.

Поврзани вести