Skip to main content

Милијана Релиќ со нов сребрен медал и напредок кон ЛОИ во Лос Анџелес

Чаптер 4

На силниот Г-1 таеквондо турнир што се одржа изминатиот викенд во Криштианштад, Шведска, македонската олимпијка и најдобра спортистка за 2024 година, Милијана Релиќ, освои сребрен медал и додаде нови 7.20 поени на олимписката ранг-листа за квалификации за Летните олимписки игри во Лос Анџелес 2028.

Релиќ беше доминантна во сите борби до финалето. Во првото коло, со 2:0 во рунди ја совлада домашната натпреварувачка Нора Хогфелт. Во второто коло, на ист начин триумфираше над шведската репрезентативка Тиндра Андерсон. Во полуфиналето, таа обезбеди победа со 2:1 над Чиа Веи Ванг од Тајпеј.

Во финалето, Милијана беше поразена од хрватската натпреварувачка Дора Мештровиќ, иако според тренерот Александар Ефтимов, одредени судиски грешки ѝ ја одземале можната победа. Мештровиќ веќе еднаш беше совладана од Релиќ пред една и пол година на Европското првенство до 21 година во Романија.

На истиот турнир настапи и Горјан Бадаровски од ТКД „Тигри“, кој го освои бронзениот медал во категоријата сениори +87 кг. Бадаровски обезбеди бронза со победа од 2:0 во рунди над Расму Бремдинг од Шведска, додека во полуфиналето беше поразен од Густав Карлсон. Ова е втор бронзен медал за Бадаровски на Г турнири во изминатите два месеца, откако претходно освои бронза и на „Скопје Рамус Г-1 Опен“ во март.

Македонија имаше претставници и во младата генерација. Христијан Симоновски и Давид Божиновски од ТКД „Младост“ го имаа своето деби во сениорска конкуренција и покажаа одлични борби, ветувајќи светла иднина за македонското таеквондо.

Поврзани вести