Каталонската сепаратистичка партија Жунтс „Junts“ („Заедно“, кратенка од „Заедно за Каталонија“) во Долниот дом на шпанскиот парламент достави поднесок со кој го повика премиерот Педро Санчез да поднесе гласање за доверба.
Жунтс, која е во конфликт со официјален Мадрид поради неуспешниот обид во 2017 година да прогласи независност на Каталонија, се покажа како тежок партнер за извршната власт предводена од социјалистите и со новиот потег ќе изврши дополнителен притисок врз малцинската влада, на која и е потребна поддршка од сепаратистите за да ги протурка законите, наведуваат локални медиуми.
Партијата обвинува дека официјален Мадрид недоволно инвестира во Каталонија и дека владата ги прекршила ветувањата дадени за возврат за нивната поддршка за Санчез.
Лидерот на Жунтс Карлес Пуџдемон, кој живее во егзил во Белгија, изјави дека премиерот мора да покаже отчетност пред гласачите.
Според шпанскиот устав, само премиерот може да одлучи дали ќе побара гласање за доверба во Долниот дом на парламентот, за што е потребно просто мнозинство.
Постапката се разликува од онаа за гласање недоверба, која во Шпанија бара од подносителот да претстави кандидат за замена на премиерот и гласањето да биде одобрено со апсолутно мнозинство.