
Баерн Минхен веќе в сабота има шанса да ја освои титулата во Бундеслигата, а почесниот претседател на клубот Ули Хенес изјави дека никој не го заслужува трофејот повеќе од најдобриот стрелец на тимот Хари Кејн.
Капитенот на Англија, Кејн (31), никогаш во кариерата досега не освоил голем трофеј, губејќи две финалиња во Лига купот во 2015 и 2021 година и во финалето на Лигата на шампионите во 2019 година со неговиот претходен клуб Тотенхем. Воедно, Кејн со англиската репрезентација претрпе порази во финалињата на Евро 2020 и 2024.
Кејн дојде во Минхен во 2023. за клупски рекордни 100 милиони евра со желба конечно да освои трофеј. Во својата прва бундеслигашка сезона Кејн стана најдобар стрелец во германското првенство, но Баерн му ја препушти титулата на Баер Леверкузен и заврши без трофеј за прв пат од 2012 година.
Но, Баерн сега има осум бодови повеќе на врвот н табелата на четири кол до крајот на сезоната и може да ја освои својата 34.. германска титула, а 33 во ерата на Бундеслигата, доколку го победи Мајнц в сабота, а Леверкузен не успее да триумфира против Аугсбург.
„Ако го освоиме првенството, никој нема да го заслужи тоа повеќе од него“, изјави Хенес за ТВ Скај.
„Тој стана вистински лидер за Баерн. Се бори, работи, постигнува неверојатен број голови и работи за тимот. Може да почувствувате дека навистина сака да ја освои оваа титула“, додаде Хенес.