Skip to main content

Адвокатот на Палевски: Каде е пиштолот?!

Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот Љупчо Палевски, обвинет за убиството на Вања и Панче, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје истакна дека постојат значителни разлики меѓу изведените докази и изјавите на обвинителството. Тој потенцираше дека нејасно останува клучното прашање во случајот – пиштолот.

-Пиштолот каде е? Не знам! За тоа треба да дадат одговор Обвинителството и МВР. Ние како одбрана бараме да биде вештачена чаурата, со што би се утврдило дали е пукано од пиштолот споменат кај Велибор Манев или од другo оружје, од црн пазар, рече Страшевски.

Тој дополни дека одбраната се обиде да приложи докази за местоположбата на Палевски на 22 и 27, но тие беа одбиени од судот со образложение дека веќе биле презентирани. Според, Страшевски, ваквиот пристап го доведува во прашање правичниот тек на процесот.

-Мое лично мислење е дека пресудата е однапред донесена. Како и да е, ние сме подготвени да ги побиеме сите докази кои беа презентирани, а не изведени, бидејќи тоа е од интерес и на јавноста, додаде адвокатот.

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

Поврзани вести