
Министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска ги посетија припадниците на 3. пешадиски баталјон во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово.
Како што информираат од МО, за време на посетата од страна на новиот командант на 3. пешадиски баталјон, потполковник Миле Станоевски бил извршен брифинг за ангажманот на припадниците од составот на овој баталјон во мисиите ALTHEA, KFOR, како и мултинационалните сили на НАТО во Романија и Бугарија.

Потполковникот Станоевски брифирал и за придонесот на припадниците на баталјонот во поддршка на Министерството за внатрешни работи за обезбедување на јужната граница и во спречувањето на безбедносните закани и зајакнување на обезбедувањето на Казнено-поправната установа – Идризово.
За време на посетата министерот Мисајловски посетил и дел од објектите за кои е предвидено да се изврши нивна реконструкција со цел да се подобрат условите за работа на припадниците на Армијата.
Тој нагласил дека грижата за секој припадник на Армијата е приоритет за Министерството, особено овозможувањето соодветни услови за работа, затоа што секој од нив дава свој значаен придонес за заштитата и безбедноста на граѓаните.