Skip to main content

„Мета“ ќе ги надградува своите модели со вештачка интелигенција во ЕУ со користење на објави на полнолетни лица

Freepik

Американската компанија „Мета“ најави дека нејзините онлајн платформите „наскоро“ ќе почнат со надградба на своите модели за вештачка интелигенција во Европа со користење на содржините што ги споделуваат нивните полнолетни корисници од Европската Унија.

Компанијата соопшти и дека корисниците на нејзините платформи, како „Фејсбук“, „Инстаграм“, „ВатсАп“ и „Месинџер“, ќе имаат право да се спротивстават на употреба на нивните податоци.

Според најавата, платформите од „семејството на Мета“ ќе ги употребуваат објавените содржини на нивните корисници, како објави и коментари, како и интеракциите со вештачката интелигенција, за да ги подобри своите модели за потребите на европските корисници.

Како што јави ДПА, овој потег следи откако Европскиот одбор за заштита на податоци потврди дека компанијата е усогласена со законските обврски на ЕУ, дозволувајќи и да продолжи со своите иницијативи поврзани со вештачката интелигенција, што беа блокирани лани поради „регулаторни грижи“. По ова „Мета“ минатиот месец ги воведе своите модели на вештачка интелигенција во Европа.

„Мета“ во соопштението посочува дека иницијативата ќе и помогне на нејзината вештачка интелигенција „подобро да ги сфати различните јазици, култури и дигитално однесување во Европа, почнувајќи од регионалните дијалекти, до специфичниот хумор и сарказам“.

Веќе од оваа недела корисниците во ЕУ ќе добиваат известувања преку апликациите и електронска пошта, со кои „Мета“ ќе ги информира за користењето на содржините, притоа нудејќи и формулар за забрана за нивна употреба.

„Мета“ потврди дека ќе ги почитува сите барања за забрана на користење, нагласувајќи дека во никој случај нема да се употребуваат приватни пораки и податоци на корисници помлади од 18 години.

Компанијата посочува дека со ваквиот потег има за цел да испорача „порелевантни и локализирани алатки за вештачка интелигенција“, при тоа почитувајќи ги строгите европски стандарди за заштита на податоците. „Мета“ инсистира дека целиот процес е транспарентен и дизајниран на тој начин што ќе се почитуваат правата на корисниците.

Поврзани вести