
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претставници на Планинарскиот клуб „Љуботен“ по повод стогодишнината од постоењето на најстариот македонски планинарски клуб.
Честитајќи им го големиот јубилеј, таа истакна дека не само таа, туку и широката јавност ги цени и високо ги вреднува нивните досегашни активности во планинарството, во коишто препознава не само спорт, туку и посебна филозофија на живот, неразделен од коегзистенцијата со природата, инспириран од еколошката свест и решеноста да се негува, сочува и да им се остави во наследство и на идните генерации.
Претседателката ја потенцираше неповторливата и незаборавна убавина на Шар планина, издвојувајќи ја ,,Лешница” како нејзин планински бисер и потсетувајќи на прекрасните времиња на манифестирана и докажана љубов и почит кон планината и природата.
Претставниците на клубот, како вљубеници во Шара, со особена посветеност раскажуваа за реализираните проекти, но и за претстојните активности годинава, како: традиционалното искачување на Титов Врв, летното ноќно искачување на Љуботен, младинското кампување во Вратница и реализирањето на планинската трка.
Гостите ја информираа претседателката за Свечената академија, како централен настан во рамките на прославата, на која ќе учествуваат бројни друштва од земјава и од регионот.
Претседателката пројави особен интерес за некои проекти на Клубот, како: Музејот на планинарење и скијање, првиот Инфо-центар за Шар Планина и обновата на Планинарскиот дом „Љуботен“.
Според неа, постојаната грижа и заштита на природата не е само поединечна и колективна, ниту локална, туку национална обврска кон идните генерации коишто имааат право на здрава и убава животна средина, како непотрошно и неотуѓиво човеково право.
Едновековната шарпланинска приказна, смета претседателката, мора да продолжи како безрезервна љубов кон природата, височините, зеленилото, снегот, водите, ливадите, цвеќињата, тишината и мирот!
„Љуботен“ е нејзин признат и почитуван писател.