Skip to main content

Лимани по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Нека овој ден биде поттик за конкретни промени во инфраструктурата и свеста за еднакво општество за сите

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани заедно со градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани го посетија Здружението на родители на деца со аутизам „Blue Puzzle“(Блу Пазл) – давател на услугата дневен престој за лица со попреченост.

Во продолжение обраќањето на министерот Лимани:

Денес, на 3 декември, светот го одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ден кој не потсетува на нашата обврска и одговорност дека сите ние сме должни како општество да прилагодиме и обезбедиме можности за користење и развој на потенцијалот на секое лице а особено на лицата со попреченост.

Лицата со попреченост често се соочуваат со различни бариери – не само физички, туку и социјални, емоционални и економски. Овие бариери не само што ги ограничуваат нивните можности, туку ја попречуваат нивната интеграција во општеството.

Но денес, да не зборуваме само за проблемите и по тешкотиите на лицата со попреченост. Овој ден, е и повод да ја славиме нивната храброст, издржливост и неверојатните достигнувања.

Овие лица, не треба да се перцепираат по својата попреченост, туку од своите способности, таленти и потенцијали. И единствениот начин да се создаде инклузивно општество е ако сите заедно работиме на тоа.

Затоа, како поединци, како заедници и како институции, треба да направиме напори за отстранување на физичките бариери, подобрување на воспитно – образовниот систем, така што ќе гарантираме дека сите деца и лица, ќе имаат еднакви можности.

Да се залагаме цврсто да ја имплементираме Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2026 и Акцискиот план 2023-2026 кој има мулти секторски пристап со единствена цел.

До денес во системот на социјалната заштита имаме околу 133 лиценцирани даватели на социјални услуги, кои овозможуваат на корисниците да водат независен живот и можност да се вклучат во општеството на еднаква основа.

Во текот на 2024 година споредбено со претходните години, министерството освен давателите на услугата дневен престој кои во голема мера се под центрите за социјална работа, ја прошири мрежата на лиценцирани даватели на социјалната услуга – дневен престој особено кога се работи за ова услуга со индивидуален третман. Само со оваа услуга имаме околу 396 корисници.

Услуга која исто така им овозможува на корисниците да водат по самостоен живот и многу значи за нивно вклучување во заедницата е услугата – лична асистенција. Оваа услуга се обезбедува од страна на четири лиценцирани даватели во повеќе општини и бројот на корисници е околу 880.

Како најразвиена услуга во системот на социјалната заштита со најголема опфатеност на корисници е услугата помош и нега во домот за која има најмногу склучени управни договори односно имаме околу 33 договори со општини и лиценцирани даватели на оваа услуга. Само во текот на оваа година, имаме склучено околу 62 управни договори со вкупен број на корисници 2073.

Интензивно работиме на воведување “тело” со единствена Методологија за вршење на проценка на попреченост, заради остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, како и права од социјална и детска заштита врз основа на функционалност.

Исто така, работиме на воведување и одржување на регистар на лица со попреченост, во кој ќе бидат сите податоци за лицата со попреченост кои се во системот на проценка, работно оспособување и професионална рехабилитација и корисници на субвенции за вработување.

Со ова ќе се овозможи лицата со попреченост да бидат конкурентни на отворениот пазар на труд и во таа насока е воведувањето на центри за професионална рехабилитација за работно оспособување на лицата со попреченост.

Нека овој ден биде поттик за конкретни промени во инфраструктурата и свеста која ќе создаде општество во која сите ќе бидат еднакви.

Денот на лицата со попреченост е настан и момент на соединување, за солидарност и заедничко движење напред кон едно инклузивно и праведно општество.