
Директорката на општа болница со проширена надлежност Кочани, Кристина Серафимова, изјави дека повредените и починатите лица кои биле донесени кај нив биле на возраст од 16 до 24 години и се од Скопје, Штип, Пробиштип и од Кочани вклучително и од селата на кочанскиот регион. Наголем дел од настраданите загинале како последица на стампедо предизвикано од паниката по избувнувањето на пожарот во дискотеката.
-Пациентите беа на возраст од 16 години до 24 годишна возраст. Најмногу имаше со изгореници и со интоксикација на јаглероден моноксид. Тука се направи првата тријажа на пациентите кои беа препратени до Клиничка болница Штип првично. Тука многу ни помогнаа од соседните здравствени домови, како и од Клиничка болница Штип, која испрати свое возило, како и од брзата помош од Скопје. Пациентите беа пренесени во најкус можен период откако веќе беше тријажата направена во болницата. Оние пациенти што беа со помали изгоренци од прв степен беа задржани во кочанската болница, сите други се препратени првично во Клиничката болница во Штип, од каде што пациентите со изгореници од трет и од четврт степен беа препратени до скопските клиники, рече др Серафимова.
Таа посочи дека во раните утрински часови во 2:48 чсот бил примен првиот повик на бројот 194 на брза помош со назнака дека во дискотеката непосредно во индустрискиот дел на Кочани имало пожар. За 15 до 30 минути биле мобилизирани сите специјалисти во болницава, медицински сестри кои се јавиле на работа иако не биле на смена.
Др. Серафимова подвлече дека, кај лицата кои биле донесени најмногу од повредите ги добиле како последица од стампедото кое настанало по избувнување на пожарот.
-За жал повеќето повреди биле добиени од стампедото, особено кај пациентите што се починати. Тие починале од стампедото како последица на паничниот напад кај присутните кои почнале да излегуваат од влезот на дискотеката, во која се наоѓае 1 500 лица, кажа др. Серафимова.
Моментално во Болницата во Кочани се хоспитализирани 12 пациенти и сите се во стабилна состојба. Сите останати се испратени во Кличничка болница Штип и во болниците во Скопје