
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го отстрани Адам Белер од позицијата специјален пратеник за прашањата на заложниците, соопшти денеска Белата куќа, наведувајќи дека Белер ќе продолжи да работи на прашањата за заложниците како „специјален службеник на американската Влада“, позиција за која не е потребна потврда од Сенатот.
„Адам Белер ќе продолжи да му служи на претседателот Трамп како специјален владин функционер фокусиран на преговорите за заложници. Адам одигра клучна улога во преговорите за враќањето на Марк Фогел од Русија и ќе продолжи со оваа важна работа за враќање на погрешно затворените луѓе ширум светот“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, пренесоа британските медиуми.
Официјален претставник на Белата куќа, кој сакаше да остане анонимен, рече дека Белер ја повлекол номинацијата за да избегне повлекување од неговата инвестициска фирма и неговиот потег не е поврзан со контроверзите околу неговите разговори со палестинската милитантна група Хамас.
„Тој продолжува да има најголема доверба од претседателот Трамп“, рече неименуваниот американски функционер.
Белер не одговори веднаш на барањата за коментар, но според американскиот портал Аксиос, израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер го изразил своето незадоволство од Бојлер по тензичниот телефонски повик минатата недела