
Пуцко Петрол и СДС го труеле народот, преку тендери од над 180 милиони евра за 7 години. 180 милиони евра завршиле само на сметката на Пуцко Петрол, без притоа да се пресметаат 167 милиони евра за мазутот кој преку РКМ е испорачан до ЕСМ, т.е. РЕК Битола и ТЕЦ Неготино, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече на денешната прес-конференција.
Доколку се погледне целата сума се доаѓа до обрт од над 350 милиони евра кои СДС им ги овозможила на Пуцко Петрол, Јахоски и РКМ.
Имено, Асмир Јахоски, Пуцко Петрол, од СДС како централна и локална власт за 7 години добил над 180 милиони евра во тендери.
Пуцко Петрол 30 години имал статус на бела мечка во македонското општество, дозволено му било преку тендери да внесува што сака и како сака. Сега, во време на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се стави крај на неговото криминогено однесување.
И СДС, освен да молчи и да стои со наведната глава, нема право буква една да изусти. Затоа што криминалите ги правел во нивно време и тие го толерирале, нивниот судско обвинителски систем му ги намалува сега мерките за обезбедување присуство. Тоа е истиот систем кој СДС го брани, а почива на погрешните кадри во Судскиот совет.
СДС свесно го толерирале Пуцко Петрол. И овозможиле Пуцко Петрол и РКМ во набавка на мазут да свртат стотици милиони евра, за што главна асистенција им правел директорот на ЕСМ во бегство, Васко Ковачевски.
Пуцко Петрол и Асмир Јахоски беспрекорно функционираат на државните тендери додека СДС владее и во значаен дел од тендерите тие се и единствен понудувач.
Разработената шема на Пуцко Петрол и СДС ги чини граѓаните и живот.
Секогаш кога ќе помислиме на загаден воздух, тука е Пуцко Петрол и РКМ да не потсетат зошто е тоа така, но и кој е причината, која не смее да се повтори, потенцираше Стојаноски.