Skip to main content

Уставниот суд ги поништи мандатите на 16 бугарски пратеници, владејачката коалиција на стаклени нозе

Шеснаесетмина пратеници ги изгубија своите места во бугарскиот парламент откако уставниот суд заклучи дека тие биле погрешно избрани при делумното пребројување гласови по изборите во октомври 2024. Судот одлучуваше по жалбата на националистичката партија Величие, која во прв момент за само неколку гласа не успеа да го помине прагот од 4% освоени гласови за влез во парламентот.

Кревката владејачка коалиција предводена од ГЕРБ изгуби пет мандати, но успеа да задржи тенко мнозинство од 121 пратеник во парламентот со 240 места.

Уставниот суд го одби барањето за целосно пребројување гласови. Сепак, делумното пребројување на стотици гласачки места придонесе за дополнителна неизвесност на нестабилната политичка сцена во Бугарија, каде што се одржаа седум парламентарни избори за период од четири години.

ГЕРБ на Бојко Борисов победи на изборите во октомври со 26% гласови, но владата беше избрана дури во јануари.

Поврзани вести