Skip to main content

„Охрид-фест – Охридски трубадури“ на 29 и 30 август на Долни сарај, распишан конурс за нови композиции

Интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ распишува конкурс за нови композиции, што ќе бидат изведени на 32. издание на фестивалот што ќе се случува на 29 и 30 август.

Концептот и локацијата се добро познати на јавноста: на најубавата сцена на Балканот, на Долни Сарај во Охрид ќе се одржат двете вечери на фестивалот, Фолк и Интернационалната. Фолк- вечер е на 29 август и освен новосоздадени фолк песни од нашата земја, со свои нови композиции ќе можат да учествуваат и странски автори – од регионот и пошироко. Интернационалната вечер е закажана за 30 август.

И годинава фестивалот дава голема подршка на дебитантите, охрабрувајќи ги да настапат на 32-то издание на „Охрид фест- Охридски трубадури“, и во Фолк и во Интернационалната вечер. Ова е извонредна шанса за промоција на дебитантите, бидејќи „Охрид фест“ го следат повеќе од 15 телевизии од Балканот што е извонредна можност за нивното промовирање. На истата сцена, во 1998 година Тоше Проески ја испеа „Усни на усни“ и го започна својот блескав музички пат.

Условите за учество на „Охрид фест – Охридски трубадури 2025“ се: * Да се прецизира – за која фестивалска вечер е наменета песната (Фолк или Интернационална); * Да се испрати демо-снимка (со пратечки инструменти, пијано и гитара) и текст на македонски јазик; * Наслов на композицијата; * Песната да не е изведувана; * Податоци на авторите (име, презиме, авторската улога во тимот), и контакт   На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори кои ги исполнуваат условите а конкурсот е отворен до 1 јуни годинава.