
В петок, на 14 март, во 18.30 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Мотиви од Хераклеја“ од битолскиот уметник Панде Петровски.
Со изложбата Центарот ја започнува реализацијата на годишната, обемна програма од областа на визуелните уметности, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Во сите слики се наѕира филозофската задлабоченост на авторот, аналитичката и синтетичка рамнотежа на реалното и иреалното, на она што постои како артефакт и сликарска фантазија, како и според студиознто промислување на композициската целина но и на поединечните целини во самата слика ако се набљудуваат само делови од истата. Од нив блика еден тивок, но длабок изблик на емоциите историското минато да се одлепи од заборавот, незаборавно, но сега на платно, да прозборат паметниците, мермерот, исклесаните букви на тој мермер, да прозборат елените и рајските птици од мозаикот… Во античката цивилизација и култура се бара есенцијалното на универзумот, духот на совршенството, сакајќи, притоа, на платно да ја прикаже спиритуалната магичност, на Хераклеја, на овој мотив многу присутен, а истовремено и многу отсутен во делата на современите ликовни творци. Овие слики на Петровски полни се со интимност, спокој, благост, со чуден спој на светлината и одсјај од минатото, слики кои побудуваат носталгични чувства на вечното панта реи. Слики со автентичен порив исполнети со лирска имагинација и сензибилитет, слики кои ќе останат како препознатлив дел од творештвото на овој битолски ликовен креативец и неговиот комплетен ликовен израз, вели Панде Манојлов.
Панде Петровски е роден ево Брусник, Битола. 1963 година завршува Педагошка академија ( ликовна насока ) – Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учел од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман.
Член е на Друштво на ликовните уметници на Битола , Друштво на ликовните уметници на Македонија и Македонско научно друштво).

Соработувал со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Од основањето во 2005 година учествувал и ја раководи како координатор ликовната колонија “Де Ниро” – Битола, а учествувал и на уште дваесетина други меѓународни ликовни колонии во Македонија ( Велес, Нижополе, Кавадарци, Дојран, Гевгелија, Струга, Дрен, Белчишта ), а исто така и во Србија, Црна Гора, Албанија, Грција и Романија.
Со создадените неколку илјади ликовни дела, започнувајќи од 1959 година кога ја отвора првата самостојна изложба во Клубот на резервните офицери ( Широк сокак – 137 ), досега има отворено над 40 индивидуални изложби во Македонија ( Битола, Кавадарци, Охрид, Скопје ), а исто така и во Србија, Шведска и Австралија. Со свои дела учествувал и на над стотина колективни изложби во Македонија, Бугарија и Турција. Автор е на книгите: “Бели мисли и размисли”( афоризми-2000 година), “Оаза на плачот” ( хуморески-2002 година), “Думи” ( афоризми и хуморески-2006 година) како и на монографскиот каталог “Срце куќа најширока” – 100 цртежи со мотиви од старата архитектура на нашите села. Автор е и на над стотина решенија на насловни страни и илустрации на книги за деца и возрасни, а изработувал и повеќе плакати, амблеми, меморандуми и сценографии. Во 2006 година ТВ “Орбис” го сними документарниот 36 минутен филм “Творечки предизвици”. Во 2009,2014 И 2017 година ја добива плакетата за најуспешен битолчанец од “Битолски весник”. Во 2010 година е застапен во монографијата “Значајни личности на Битола” – култура, а истата година ја добива и плакетата по повод 50 години МНД.
Добитник е на бројни награди и признанија.